Бројот на дневни активни корисници на Фејсбул паднал за првпат во неговата 18-годишна историја. Компанијата „Мета“ соопшти дека нивниот број паднал на 1,929 милијарди во последните три месеци од минатата година, додека во претходниот квартал ги имало 1,930 милијарди.

„Мета“ кажа дека се намалува и растот на приходите додека се соочува со силна конкуренција од ТикТок и Јутјуб, а и огласувачите го кратат трошењето.

По објавувањето на овие информации, вредноста на акциите на „Мета“ паднала за повеќе од 20% во доцното тргување во Њујорк, додека пазарната вредност на фирмата се намалила за 200 милијарди долари. Истовремено, и вредноста на акциите на Твитер, Снеп и Пинтерест забележала остар пад.

Извршниот шеф на „Мета“, Марк Закерберг, вели дека растот на продажбите е погоден од тоа што публиката, особено помладата, сега повеќе ги користи ривалските платформи. Компанијата предвидува дека во наредното тримесечје ќе има приходи меѓу 27 и 29 милијарди долари, што е помалку од она што го очекуваа аналитичарите.

„Нашите производи бележат брз раст, но проблемот е што ТикТок е толку голем конкурент и продолжува да расте со неверојатно темпо“, вели Закерберг.