Портрет на англискиот математичар Алан Тјуринг стана првото дело насликано од хуманоиден робот што се продало на аукција, достигнувајќи цена од 1,08 милиони долари во Њујорк.
Делото од 2,2 метри насловено „Бог на вештачката интелигенција“ е креирано од Аи-Да, првиот ултрареалистичен роботски уметник. Продажбата ги надмина сите очекувања откако првично се очекуваше да постигне цена меѓу 120.000 и 180.000 долари.
„Клучната вредност на мојата работа е да служи како катализатор за дијалог за новите технологии. Портретот на пионерот Алан Тјуринг ги поканува гледачите да размислуваат за божјата природа на вештачката интелигенција и за компјутерите, додека ги земаат предвид етичките и општествените импликации од овие достигнувања“, кажа Аи-Да, која користи вештачка интелигенција (ВИ) за зборењето.
Аи-Да е еден од најнапредните роботи на светот, дизајниран да личи на човечка жена. Роботот е осмилен од Ајдан Мелер, специјалист за модерна и современа уметност, кој соработувал со експерти за ВИ од универзитетите во Оксфорд и Бирмингем.
Роботот бил прашан какви стил, боја, содржина, тон и текстура да користи, пред да ја погледне сликата на Тјуринг со камерите во своите очи и да го создаде делото.
(Фото: ЕПА)