ДЕЦА ОД 12 ГОДИНИ ЌЕ СЕ БОРАТ ЗА ПРЕМИЈАТА ОД ТРИ МИЛИОНИ ДОЛАРИ НА СВЕТСКИОТ КУП ВО ВИДЕОИГРАТА „ФОРТНАЈТ“

Њујорк, (Гардијан)

Деца на возраст од 12 години викендов ќе се борат за наградниот фонд од 30 милиони долари, најголем во историјата на еспортовите, на финалето на првиот Светски куп во популарната видеоигра „Фортнајт“.

По десет недели квалификации, во коишто настапија повеќе од 40 милиони натпреварувачи, за финалето во Њујорк се пласираа најдобрите 100. Се очекува милиони луѓе да се вклучат во онлајн преносот.

Со повеќе од 250 милиони играчи, „Fortnite: Battle Royale“ стана една од најпопуларните видеоигри на светот откако беше лансирана во 2017 година. Овој Светски куп претставува нејзин влез во светот на професионалните меѓународни турнири, кои оваа година достигнаа приход од една милијарда долари, благодарение на силниот маркетинг и спонзорските договори.

Финалето ќе се состои од дуелите на двојки и од соло настапи и победникот во двете конкуренции ќе добие по три милиони долари. Повеќето од финалистите имаат под 20 години и меѓу нив нема жени.