„Епл“ ја лансираше новата серија телефони „ајфон“, кои вклучуваат ново куќиште од титаниум, побрз и понапреден чип и подобрени способности за играње видеоигри. Најголемото изненадување кај телефоните „ајфон 15“, кои излегуваат на 22 септември, е што нема да бидат поскапи, што го одразува глобалниот пад во продажбата на смартфони. Цените почнуваат од 799 долари.
Сите модели на „ајфон 15“, вклучувајќи го и „про“, ќе имаат посветол екран, камера од 48 мегапиксели и стопроцентно рециклиран кобалт во нивните батерии.
„Епл“ кажа дека новите телефони доаѓаат со универзалниот полнач УСБ-Ц, со што ќе бидат усогласени со барањата на европските регулатори.
Иако од компанијата го избегнаа терминот вештачка интелигенција, оваа технологија е двигател на неколку нови функции.