ГУГЛ ГО СЛАВИ 25. РОДЕНДЕН, БИЛ ЛАНСИРАН ОД ГАРАЖА, А ДЕНЕС ИМА ЦЕНТРИ ВО НАД 200 ГРАДОВИ

Њујорк, (АФП)

Гугл, најпопуларниот интернет пребарувач на светот, овој месец одбележува 25 години постоење. Тој беше креиран од докторандите Сергеј Брин и Лери Пејџ, кои се запознале на програмата за компјутерска наука на Универзитетот во Стенфорд. Двајцата ја делеле визијата интернетот да се направи подостапно место и работеле заедно во нивните студентски соби за да развијат брз и прецизен пребарувач, чие прво име било Backrub.

Малку е познато како Гугл го добил своето име.

„Името е изведено од зборот googol, што е број во кој зад единицата доаѓаат 100 нули“, вели експертот Стивен Воган-Николс.

Откако бил лансиран од гаража во Калифорнија, Гугл денес има канцеларии и центри за податоци на шест континенти, во повеќе од 200 градови. Иако компанијата била регистрирана на 4 септември 1998, таа од 2005 го слави својот роденден на 27 септември.

Гугл во април 2004 го претстави Џи-мејл, следната година и Гугл мепс, а во 2006 го купи Јутјуб. Гугл хром е во функција од септември 2008.

Големиот успех на Гугл се должи на методот на организирање и рангирање на големото количество информации на интернет што го осмислија Брин и Пејџ. Нивниот алгоритам PageRank ја одредува важноста на сајтовите според бројот на линкови кои упатуваат на него.