ХАРИ И МЕГАН СОБРАА МИЛИОН СЛЕДБЕНИЦИ НА ИНСТАГРАМ ЗА РЕКОРДНИ ШЕСТ ЧАСА

Лондон, (Гардијан)

Принцот Хари и Меган Маркл поставија нов рекорд, откако за помалку од шест часа собраа еден милион следбеници на новоотворениот профил на Инстаграм, објави Гинисова книга на рекорди.

Профилот со име Сасексројал беше отворен вчера и оттогаш ја надмина бројката од три милиони следбеници. Првиот објавен пост имаше еден милион лајкови.

„Едвај чекаме со вас да споделуваме важни објави, за работите што нè водат, каузите што ги поддржуваме и за можноста да обрнеме внимание на важни теми“, напиша двојката во својот прв пост.

Кралската двојка, која го очекува своето прво бебе во наредните недели, го собори рекордот на корејскиот поп пејач Канг Даниел, кој има собрано еден милион следбеници за 11 часа и 36 минути. Пред него, рекордер беше папата Фрањо, на кого му требаа 12 часа.