Стадионите ќе бидат празни кога за неколку недели ќе продолжи јапонското фудбалско првенство, но благодарение на нова апликација за смартфон, мечевите нема да се играат во целосна тишина.
Системот „Remote Cheerer“, развиен од „Јамаха“, ќе им овозможи на навивачите кои го следат мечот преку телевизија, радио или интернет да ги бодрат своите фудбалери преку своите смартфони, а потоа нивните гласови ќе се пренесуваат на стадионот во реално време преку звучници. Апликацијата неодамна била тестирана на стадион со 50.000 седишта, меѓу кои биле сместени 58 звучници, од кои се слушале извици, аплаузи, пеење и исвиркување од навивачи од неколку далечни локации.
„Корисниците ќе имаат чувство како во тој момент да се наоѓаат на стадионот. Системот има можност да креира навивачка атмосфера слична на онаа на вистински натпревар“, соопшти „Јамаха“.
Оттаму додаваат дека планираат да ја унапредат апликацијата за да може да се користи на разни настани и спортови.