КИНЕЗИТЕ ЗА ЕДНА МИНУТА ПОТРОШИЛЕ МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ ВО ШОПИНГ ТРЕСКАТА ЗА ДЕНОТ НА САМЦИТЕ

Пекинг, (Би-Би-Си)

Шопинг треската што гигантот во интернет продажба „Алибаба“ ја организира за таканаречениот Ден на самците достигна нов рекорд 11-та година по ред.

Во првите 16 и пол часови биле остварени продажби во вредност од 30,8 милијарди долари (210 милијарди јуани), што претставува нов рекорд. Кинеската компанија потврди дека уште во првата минута биле купени производи во вредност од една милијарда долари.

„Судејќи според првиот час, оваа година ќе се оди до сумата над 32 милијарди долари“, процени аналитичарот Даниел Њумен.

Дваесет и четиричасовниот шопинг фестивал, што го следат големи попусти, беше најавен со настапот на поп ѕвездата Тејлор Свифт.

Со цел да се подигне свеста за купувањето по пат на интернет, тој првпат се одржа во 2009 година со учество на само 27 трговци, додека оваа година можат да се купат производи на повеќе од 200.000 брендови. „Алибаба“ го измисли Денот на самците како спротивност на Денот на вљубените и во меѓувреме стана поголем онлајн шопинг настан од Црн петок и Сајбер понеделник заедно.