„Виндоус 11“, последната верзија на компјутерскиот оперативен систем на „Мајкрософт“, денеска беше лансирана како бесплатно надградување на „десетката“.
„Последната верзија е направена да биде чиста, свежа и поедноставна за корисниците“, изјави шефот за производи во „Мајкрософт“, Панос Пунај.
Тој вети дека новиот оперативен систем нема да биде екстремно отстапување од она што веќе им е познато на луѓето.
„Дури и оние со најмалку технички знаења ќе можат лесно да го надградат системот. Кога ја правевме новата верзија, пред очи го имав мојот 89-годишен татко. Сакав дури и за него да биде лесно“, кажа Пунај.
„Виндоус 11“ има некои значајни промени во дизајнот, па така стартното мени е централно на екранот, заедно со останатите икони. Кога ќе се кликне, се отвора мени на често користени апликации.
„Мајкрософт“ кажа дека „виндоус 10“ ќе продолжи безбедносно да се ажурира до октомври 2025.