МАСК ЌЕ НАПРАВИ ПРЕСЕДАН И ЌЕ СТАНЕ НАЈВЛИЈАТЕЛНАТА ЛИЧНОСТ НА ТВИТЕР

Сан Франциско, (Би-Би-Си)

Илон Маск е на пат да стане најголемиот инфлуенсер на Твитер, што, според анализите, треба да се случи во јануари.

Со 120 милиони следбеници, Маск моментално е на второто место, зад Барак Обама, кого го следат 130 милиони. Но, благодарение на метеорскиот раст откако ја презеде компанијата, Маск неизбежно ќе го претекне бившиот американски претседател. Тоа ќе биде преседан, зашто досега не се случило во индустријата на социјалните мрежи извршен шеф да биде и највлијателната личност.

И покрај контроверзите кои го следеа преземањето на „Твитер“, популарноста на Маск неоспорно расте. Во изминатите 12 месеци, тој во просек добивал 268.303 следбеници на ден, а ги изгубил само во пет дена, што се поврзува со одредени настани.

„Илон Маск сега е главниот лик на Твитер. Ова има одредени предности зашто тоа го прави достапен за луѓето. Марк Закерберг исто така е славен, но не објавува активно на Фејсбук“, изјави аналитичарот на социјалните медиуми Мет Навара.

Откако стана негов сопственик, Маск добил 8,6 милиони нови следбеници на Твитер, а бројот на неговите твитови се зголемил за 84%. Само на 22 ноември имал 75 објави. Самиот тој следи само 129 профили, а Обама 570.000.

(Фото: АП)