Кога сте доволно возрасни за да бидете на социјалните мрежи?

Според правилата, само тие над 13 години смеат да имаат профил на Фејсбук, но ограничувањата се формални, па се верува дека околу 20 милиони деца помали од 13 години ја користат оваа социјална мрежа.

Затоа Фејсбук лансираше апликација наменета за млади корисници, за која прво треба да се добие дозвола од родителите и компанијата вети дека таа нема да се користи за рекламирање.

„Месинџер кидс“ е, всушност, поедноставена верзија на популарната апликација, што Фејсбук ја користи веќе некое време.

„Родителите денес на големо им дозволуваат на своите деца да се служат со таблети и смартфони, но секогаш постојат грижи како ги користат и кои апликации се соодветни за нив. Кога од родителите слушнавме дека се потребни подобри апликации, знаевме дека мора да ги развиеме, и тоа во соработка со стручњаци и оние што ќе ги користат“, вели производствениот менаџер на „Месинџер кидс“, Лорен Ченг.

Како функционира „Месинџер кидс“?

Ако две деца сакаат да бидат пријатели преку него, тоа прво треба да биде одобрено од нивни родители. Тие потоа можат да комуницираат преку видеоврска и да си праќаат пораки и слики. Таа, исто така, содржи голема колекција од соодветни гифови, рамки, стикери и алатки за цртање, преку кои децата можат да бидат и креативни.

И родителите можат да комуницираат со децата преку апликацијата, но пораки ќе добиваат преку класичниот „Месинџер“ на Фејсбук.