„Војаџер 1“ цели 27 години го држеше рекордот за снимена најоддалечена фотографија, благодарение на својата легендарна „бледосина точка“ (6,06 милијарди километри далеку од Земјата), но ова сега, конечно, е надминато.
Леталото на НАСА „Њу хорајзонс“ на 5 декември минатата година снимило објекти од појасот Кајпер, што се наоѓаат 6,12 милијарди километри од нашата планета. Рекордот, всушност, бил урнат два часа порано, со фотографија од ѕвезденото јато „Бунар на желби“. Се очекува нов рекорд да биде поставен во наредните месеци.
Постигнувањето на „Војаџер 1“ опстана толку долго затоа што неговата камера беше исклучена набргу по снимањето на „бледосината точка“, што сега нема да се случи со „Њу хорајзонс“. Тој секој ден се оддалечува за нови 1,1 милион километри и се очекува до 1 јануари 2019 година да стигне до нов објект од појасот Кајпер.