НОВИОТ ДИЗАЈН НА ЏИМЕЈЛ ЌЕ ВКЛУЧИ И САМОУНИШТУВАЧКИ ПОРАКИ

Њујорк, (Мешабл)

Најавениот нов дизајн на џимејл ќе содржи неколку промени, што треба да придонесат за поголема заштита на вашата електронска пошта.

Една од нив се и самоуништувачки пораки, кои ќе можат да исчезнат по некое време од испраќањето. Тоа значи дека тие нема да се избришат само од сопствениот аутбокс, туку и од инбоксот на примателот.

Новина е и дека пошта ќе може да се праќа во „доверлив режим“, што значи дека примателот ќе биде спречен натаму да ги проследува, копира, симнува и отпечатува добиените пораки.

Исто така, чувствителна и сомнителна е-пошта ќе може дополнително да се провери, така што од испраќачот ќе може да се побара да го потврди својот идентитет преку паскод или повторно логирање, пред пораката да се отвори.

„Работиме на некои големи промени на џимејлот, кои се сѐ уште во пробна фаза. Затоа и не сакаме да откриваме повеќе детали“, изјави портпаролката на „Гугл“.