ПУБЛИКАТА НЕ СМЕЕ ДА СИ ОДИ ПРАЗНА ОД ПРЕТСТАВА – ДЕНЕСКА СЕ СЛАВИ СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Светскиот ден на театарот, 27 март, денеска се слави низ цел свет со читање на меѓународната и на националната порака пред почетокот на секоја претстава.

Годинава, автор на меѓународната порака е режисерот и драмски писател Карлос Селдран од Куба, а на македонската, драмскиот писател и претседател на Здружението на драматурзи и сценаристи на Македонија, Југослав Петровски.

Македонскиот центар на ИТИ/продукција организира културна програма за Светскиот ден на театарот, што ќе се одржи вечерва од 19 часот во ЕУ инфо центарот во Скопје.

„Кога сфатив дека театарот е држава сама за себе, голема територија која го покрива целиот свет, во мене се роди една решителност, која, исто така, беше и едно остварување на слободата. Публиката е онаму каде што живееш ти“, стои, меѓу другото, во пораката на Селдран.

Петровски, пак, во пораката насловена „Катарза (умирање на театарот или реинкарнација)“ на колегите и на вљубениците во театарот им порачува дека од театарот никој не смее да си отиде празен.

„Не може! Не смее! Не треба да биде така!!! Не може, и тоа од една едноставна причина… Бидејќи театарот пред 25 века бил создаден од храм, и тоа храм посветен на богот Дионис и следствено на тоа, ако театарот е храм, тогаш во секој храм, т. е. во секој театар, се случувал и мора сѐ уште да се случува ритуал. Како стар ‘театарски волк’, ќе ви откријам уште една голема тајна: ‘Најдобра театарска претстава е онаа претстава по чиј крај, секој од гледачите со себе дома ќе си понесе сосема поинаков ‘петти елемент’. Што би значело дека најдобра претстава е онаа кога секој дома ќе си замине со потполно различна, само своја катарза“, вели Петровски.