Руските инфлуенсери вчера во солзи се простуваа од своите следбеници на Инстаграм и ги повикуваа да ги следат на други платформи, пред Русија на полноќ да го забрани пристапот до оваа социјална мрежа. Рускиот регулатор Роскомнадзор во петокот го забрани Инстаграм и на руските корисници им даде рок од 48 часа да ги тргнат своите фотографии и видеа, препорачувајќи им да се префрлат на „домашните конкурентни интернет платформи“.
Русија се реши на ваков потег откако компанијата „Мета“ им дозволи на украинските корисници на Фејсбук и Инстаграм да повикуваат на насилство против руските војници и Путин. Инстаграм имал речиси 60 милиони корисници во Русија во 2021.
„Го пишувам ова и плачам. Се надевам дека не е вистина и дека ќе останеме тука“, напиша руската ТВ-ѕвезда Олга Бузова.
Таа е една од многуте руски инфлуенсери кои со забраната ќе изгубат илјадници долари што ги добивале за рекламирање производи.
Руските власти го блокираа Фејсбук на 4 март, додека Јутјуб сè уште е достапен во земјата, иако и таму беа воведени рестрикции за руските државни медиуми.
Ксенија Собчак, која ја критикуваше војната и ја напушти земјата, им кажа на своите девет милиони следбеници дека можат да ја следат на Телеграм и други платформи. Настја Ивлеева, руска инфлуенсерка со 18,9 милиони следбеници, објави фотографија од бел гулаб и ги повика руските власти да ја запрат војната.