Првиот смартфон на преклопување на „Самсунг“ ќе почне да се продава во септември, откако првичната премиера беше одложена поради проблеми со уредот.

Тоа требаше да се случи во април, но некои рецензенти пријавија кршење на екранот на „галакси фолд“. Од „Самсунг“ сега објавија дека се направени подобрувања на речиси 2.000 долари вредниот смартфон, кој за почеток ќе се продава на одбрани пазари.

„‘Самсунг‘ целосно го процени дизајнот, ги направи потребните подобрувања и спроведе ригорозни тестови“, соопшти компанијата.

Оттаму додаваат дека е подобрен и софтверот, со што поголем број апликации ќе можат да ги искористат предностите на уникатниот дисплеј.

„Галакси фолд“ се смета за силен адут на „Самсунг“, кој се соочи со намалена продажба и со сѐ посилна конкуренција од „Хуавеи“, кој планира во септември да го лансира својот смартфон на преклопување.