СТРИМАЊЕТО ПОЛЕКА ЈА УНИШТУВА МУЗИЧКАТА ПИРАТЕРИЈА

Лондон, (Би-Би-Си)

Музичката пиратерија ја губи популарноста, додека во исто време, сервисите за стримање стануваат сè пораширени, покажуваат најновите бројки.

Само еден од десет луѓе во Велика Британија нелегално симнува музика од интернет, додека во 2013 година, ова било 18%, стои во извештајот на „Југов“.

Се чини дека овој тренд и ќе продолжи: 22% од оние кои сè уште нелегално даунлодираат велат дека не очекуваат да го прават тоа и за пет години.

„Денес е полесно да стримате музика, отколку да пиратирате“, вели еден учесник во анкетата, а друг додаде:

„‘Спотифај‘ има сè, и нова и стара музика, нема веќе потреба од користење на непотврдени извори“.

Оваа вест ќе биде големо охрабрување за музичката индустрија, која во почетокот на овој век претрпи тежок удар поради сервисите за нелегално симнување, почнувајќи од „Напстер“.

Нов проблем се апликациите кои им овозможуваат на корисниците да си ја складираат музиката на телефоните или во компјутерите, со што авторите ги губат идните приходи.

„Не знаеме дали стримањето целосно ќе ја уништи пиратеријата, но ова секако се охрабрувачки знаци“, вели извршниот директор на „Југов“, Џастин Маршал.