Стриминг платформата „Дизни+“ од ова лето ќе биде достапна и во Македонија. Компанијата објави дека ќе ги прошири своите услуги на уште 42 држави и 11 територии, меѓу кои најголеми пазари се Јужна Африка, Турција, Полска и Обединети Арапски Емирати.

Освен Македонија, „Дизни+“ ќе може да се гледа и во останатите земји од регионот: Албанија, БиХ, Бугарија, Црна Гора, Грција, Хрватска, Косово и Србија.

Компанијата „Волт Дизни“ не прецизираше кога точно „Дизни+“ ќе биде лансиран во секоја од овие држави и која ќе биде цената на претплатата.

„Дизни+“ дебитираше во САД, Канада и Холандија во ноември 2019 како конкуренција на „Нетфликс“ и во меѓувреме се посвети на глобална експанзија со цел да надомести за намалениот број претплатници во Северна Америка. До октомври 2021, „Дизни+“ имаше 118 милиони претплатници.

Во понудата на „Дизни+“ се содржини на брендови како „Дизни“, „Пиксар“, „Марвел“, „Војна на ѕвездите“ и „Нешнал џиографик“, но истовремено вложи стотици милиони долари во снимање оригинални филмови и серии.