Корејски поп бенд, Ријана, Кајли Џенер, Канје Вест, Доналд Трамп, но и шестгодишно момче се најдоа на годишната листа на највлијателни личности на Интернет, што по четврти пат, без официјално рангирање, ја состави магазинот „Тајм“.
Доналд Трамп не само што е претседател на САД, туку има и 53 милиони следбеници на Твитер, кадешто секојдневно се огласува, критикува, напаѓа и се фали.
Тој е и единствениот политичар на листата со 25 личности, на којашто влезе и шестгодишниот Рајан, чии активности на неговиот канал за играчки на Јутјуб дневно се следени од стотици милиони луѓе. Во еден момент минатото лето, „Рајан тојсривју“ имал најголема гледаност на Јутјуб 40 недели по ред. Малиот Рајан се наоѓа на осмото место на листата на „Форбс“ на најплатените ѕвезди на Јутјуб, со заработка од 11 милиони долари.
Покрај блогери и активисти, од попознатите имиња, тука се пејачите Ријана и Канје Вест, моделот и Инстаграм ѕвездата Кајли Џенер, како и учениците од Паркленд, кои го кренаа својот глас за поголема контрола врз оружјето по масакрот во нивното средно училиште во февруари годинава.