Во неодамнешниот, најголем хакерски напад во историјата на Твитер, десетици профили на познати личности беа вмешани во измама со биткоини, но Доналд Трамп, веројатно најславниот корисник на оваа социјална мрежа, остана недопрен. Според „Њујорк тајмс“, ова можеби се должи на тоа што компанијата има ставено дополнителни заштитни мерки на неговиот профил.

Цитирајќи два извора, еден од Белата куќа и еден од „Твитер“, профилот на Трамп има добиено посебна заштита по „инциденти во минатото“, без да прецизира за што станува збор. Тоа би можело да се однесува на инцидентот од 2 ноември 2017, кога еден вработен на 11 минути го исклучи профилот на Трамп на својот последен ден во компанијата. Ден подоцна, „Твитер“ соопшти дека „спровел посебни заштитни мерки за да не се повтори тоа во иднина“.

Во тоа време, „Вол стрит џурнал“ објави дека „Твитер“ го ограничил бројот на вработените кои имаат пристап до профилот на Трамп, но тие притоа немаат можност да објават твит во негово име, како што беше случај во последниот хакерски напад. Негова цел биле 130 профили, но хакерите успеале да пристапат на 45, меѓу кои и на Илон Маск, Бил Гејтс, Џеф Безос, Барак Обама, Канје Вест и Ким Кардашијан.