ТВИТЕР ГО БЛОКИРАШЕ ПРОФИЛОТ НА ГЕРМАНСКА ПРАТЕНИЧКА ПОРАДИ ГОВОР НА ОМРАЗА

Берлин, (разни извори)

Германска пратеничка од десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) беше блокирана на Твитер откако се побуни поради новогодишната честитка на полицијата во Келн на арапски јазик.

„Што по ѓаволите се случува во оваа земја? Зошто официјален полициски сајт твита на арапски“, напиша Беатрикс фон Сторх, истакнат член на десничарската партија.

Пратеничката сугерираше дека полицијата се обидува да им се додвори на, како што ги нарече таа, варварските муслимански орди кои силуваат.

Како одговор на нејзиниот твит, Твитер го блокираше нејзиниот профил на 12 часа поради нарушување на правилата на социјалната мрежа во врска со расистички навреди. Конкретниот твит не може веќе да се види, но друга членка на АфД, Алис Вајдел, сподели скриншот од твитот на Фејсбук, велејќи дека владата им се потчинила на мигрантите.

Полицијата во Келн испрати новогодишни честитки на неколку јазици на Твитер.