ИНСТАГРАМ ЈА ЛАНСИРАШЕ АПЛИКАЦИЈАТА ТРЕДС, КОНКУРЕНЦИЈА НА ТВИТЕР

Њујорк, (Би-Би-Си)

Шефот на „Мета“, Марк Закерберг, изјави дека нивната нова апликација Тредс (Threads) има за цел да го надмине ривалот Твитер. Експертите сметаат дека таа би можела да привлече корисници на Твитер кои не се задоволни со последните промени на платформата.

Тредс денеска беше лансирана, но засега не е достапна во Европската Унија поради регулаторни грижи. Апликацијата им овозможува на корисниците да постираат до 500 карактери и има многу сличности со Твитер.

Во првите четири часа добивме повеќе од пет милиони корисници. Сакаме платформата да остане пријателска, што ќе биде клучно за нејзиниот успех“, изјави Закерберг.

Запрашан дали Тредс може да стане поголема од Твитер, Закерберг кажа дека за тоа ќе треба време.

Мислам дека би можела да стане апликација за разговор со повеќе од една милијарда луѓе. Твитер имаше шанса за тоа, но не успеа“, кажа Закерберг.

Иако Тредс е посебна апликација, корисниците се вклучуваат на неа преку Инстаграм. Достапна е за даунлодирање во повеќе од 100 земји, меѓу кои и Македонија.