Ќерката на австриската режисерка Уши Хорнер, која повеќе од десет години живее во Македонија, балерината Ребека Хорнер, беше дел од традиционалниот концерт на Виенската филхармонија на 1 јануари. Годинашниот ТВ-пренос од концертната сала „Музикферајн” се пренесуваше во 90 земји, а го гледаа над 50 милиони луѓе.

Додека Филхармонијата, под диригентство на италијанскиот маестро Рикардо Мути, ги изведуваше валцерите и полките од фамилијата Штраус, за ТВ-гледачите се пренесуваа балетски точки со солистите од виенскиот Штац балет, снимени во неколку раскошни дворци низ Австрија.

За балетските точки кои се изведуваат за време на Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија, Ребека и останатите солисти се подготвувале во летните месеци, а снимале три дена во септември (Фото: Фејсбук)

Уши ни рече дека нејзината ќерка Ребека (28 години ) од пред три години е солист во Штац балетот, откако претходно била дел од ансамблот и играла како полусолист.

„Ребека уште на шестгодишна возраст беше славна. До десет години играше во многу познати филмови во Германија и во Австрија и беше детска ѕвезда. На таа возраст не посетуваше никакви специјални часови по музика или глума, едноставно, мирисот на сцената ја ‘зарази’ од тоа што секаде одеше со мене. Кога не беше во градинка или на училиште, таа постојано седеше со мене на проби, во уметнички друштва, на сцена“, весело раскажува Уши.

Ребека потоа од десет години до 18 учела во Балетска академија, по што била ангажирана во ансамблот на Штац балетот.

Годинашниот ТВ-пренос од концертната сала “Музикферајн” се пренесуваше во 90 земји, а го гледаа над 50 милиони луѓе (Фото: АФП )

Добила и награда од Виенскиот балетски клуб, како најперспективен балетски уметник на сезоната. Потоа почнала да работи како полусолист, што значи споредни улоги и направила пауза од една година, бидејќи добила ќерка.

Првата солистичка улога ја добила пред три години, во „Легендата на Јосиф“, на покана на Џон Нојмајер, американски балетски уметник, кореграф и долгодишен директор на Балетот во Хамбург.

„’Легендата на Јосиф’ помина одлично, доби најпозитивни критики и оттогаш е солист на Штац балетот. Таму со години веќе не постои титула примабалерина, туку се поделени на солист, полусолист и ансамбл“, додава Уши.

Уши вели дека нејзината ќерка денес е солист во виенскиот Штац балет, а уште од мала е популарна во Германија и Австрија

За балетските точки кои се изведуваат за време на Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија, Ребека и останатите солисти се подготвувале три недели во јуни, па една недела во август, а се снимале три дена во септември.

Уши во Македонската опера и балет (МОБ) ги постави едни од најомилените и најпосетувани детски оперски претстави од едукативниот циклус „Клинг кланг“, како и оперите „Волшебната флејта“, „Италијанка во Алжир“, „Хофманови приказни“, „Аптекарот“ и „Војвотката на чардашот“.

Изминативе години активно работи во Бугарија, кадешто последната премиера ѝ беше во декември, во Пловдив, со операта „Трубадур“ од Верди.

Б. НЕСТОРОСКА