Холандскиот уметник Дан Росегард постави светлечка ЛЕД инсталација среде поле во холандскиот град Лелистад, со цел да им оддаде почит на земјоделците и да ги инспирира да експериментираат со вештачко осветлување во земјоделството.

Станува збор за проект „Растење“ и откако сонцето ќе зајде, во полето се вклучуваат светла во црвена, сина и ултравиолетова боја.

(Фото: Ројтерс)

„Знаете дека сликарите од 16. и 17. век биле опседнати со небото над Холандија, облаците и со светлината. Тие насликале илјадници слики, усовршувајќи ја таа техника. Се чувствувам како да сум дел од таа традиција. Тие сликаа на платно, јас на простор од 20.000 квадратни метри со растителни култури“, вели Росегард, кој е познат по уметничко-футуристички проекти.

ЛЕД светлата, напојувани од соларни батерии, главно ја зголемуваат светлината што растенијата ја примаат во текот на денот. Но, проектот на Росегард тестира и дали краткото изложување на ултравиолетова светлина може да ја намали потребата од пестициди. Земјоделците и научниците сè уште истражуваат како изложеноста на црвени и сини ЛЕД светла може да влијае на растот и карактеристиките на растението.

Росегард планира да го однесе својот проект во 40 држави.