КОГА ЌЕ ГО СПАСИМЕ ГТЦ ЌЕ ГО НАСЛИКАМЕ СО ГРАФИТИ, ВЕЛИ ФИЛИП КОНЕСКИ ЗА ГАЛЕРИЈАТА НА ОТВОРЕНО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Идејата бетонскиот ѕид на Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје да биде насликан со графити, се роди пред три години, кога се боревме да го спасиме, вели младиот архитект Филип Конески, благодарение на кого од вчера Скопје ја доби првата галерија на отворено на урбана и графити уметност.

Во сутеренот на ГТЦ насликани се графити од 22 млади уметници, инспирирани од градот. Графитите беа нацртани за три дена, а синоќа со журка беа промовирани на скопјани.

„Овој објект е ремек- дело на новиот град кој за малку ќе го загубевме. Оваа година се одбележуваат 55 години од земјотресот и сакав со графитите да го славиме новиот град“, вели Коневски (Фото: Фејсбук)

„Целта ми беше да се откријат невидливите простори во Скопје и да им се даде една урбана димензија. ГТЦ постои од седумдесетите години, но простор со години беше заборавен. Овој објект е ремек- дело на новиот град кој за малку ќе го загубевме. Галерија на отворено е препознавање на нова функција на јавниот простор. Му се додава функција, не му се одзема, се црта, но не му се одзема идентитетот. Оваа година се одбележуваат 55 години од земјотресот и сакав со графитите да го славиме новиот град“, вели Конески.

Грифитите ги цртаа 22 млади уметници.( Фото: Фејсбук)

Идејата стара три години Конески пред неколку месеци ја споделил на социјалните мрежи и за многу кратко време му се јавиле од Младинскиот културен центар и Град Скопје.

„Презадоволен сум од начинот како дојдовме до реализација. Веднаш се договоривме. Имаше конкурс за избор на уметници. Темата беше ‘Градот убав‘ но никој не беше обврзан да твори на таа тема. Кај некој се појавува Скопје како мотив, кај други не, но сепак сите графити асоцираат на градот. Мислам дека домашните артисти заслужија да имаат простор во центарот на Скопје дефиниран како галерија“, додава Конески.

Уметниците работеа на графитите три дена (Фото: Фејсбук)

Младиот архитект веќе има лоцирано нови простори на кои преку стрит уметноста ќе им се даде нов лик и ќе станат белег на Скопје.

„Просторот под новата железничка станица е неискористен и тоа е одлично место за галерија на графити. Имам идеја да се создаде специјален објект во околината на Музеј на современа уметност кој ќе биде наменет за стрит уметноста и ќе се менува. На тој начин ќе може да ја документираме стрит арт културтата,која секаде е прифатена како посебна нишка во уметноста“, вели Конески.

А. АНТЕВСКА