ПРИНЦОТ ЧАРЛС ГО ДОНЕСЕ КОРОНАВИРУСОТ ВО БРИТАНСКОТО КРАЛСКО СЕМЕЈСТВО

Лондон, (АП)

Коронавирусот стигна и во британското кралско семејство.

Позитивен тест имаше принцот Чарлс, прв во редот за наследство на тронот, и од неговата резиденција Кларенс Хаус објавија дека тој покажува благи симптоми.

„Неговото општо здравје е добро и изминативе денови нормално работеше од дома. Неговата сопруга Камила имаше негативен тест“, соопшти портпаролот на Кларенс Хаус.

Двајцата сега се одделени во самоизолација во нивниот дом во Шкотска.

Седумдесет и едногодишниот Чарлс за последен пат се појави на јавен настан на 12 март, кога го имал и последниот контакт со мајка му, кралицата Елизабета Втора. Таа и нејзиниот 98-годишен сопруг принцот Филип ги поминуваат деновите во Виндзор, објави Бакингамската палата. Не е познато дали биле тестирани.

„Невозможно е да се каже од кого принцот Чарлс го фатил вирусот“, кажаа од Кларенс Хаус.

На 10 март, Чарлс бил на настан во Лондон на кој присуствувал и принцот на Монако Алберт Втори, кој подоцна имаше позитивен тест на коронавирус.