ЌЕ СВИРИМЕ ХУМАНИТАРНО ЗА ДРУГАРКАТА КОЈА НА 17 ГОДИНИ ПОЧИНА ОД ЛЕУКЕМИЈА, ВЕЛАТ МУЗИЧАРИТЕ ОД „ЛУЈ“ ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО ЧЕСТ НА ХАРФИСТКАТА КЛИМЕНТИНА РАФАЈЛОВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Триесет години откако младата харфистка Климентина Рафајловска почина од леукемија, нејзината генерација од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ организира хуманитарен концерт во нејзина чест, в сабота (20 април) од 19 часот во „Салон 19:19“ во Скопје. Рафајловска почина на 17 години, две недели по нејзиниот последен настап.

На концертот ќе свират музичари со кои учеше во ист клас: Ема Абаџиева на обоа и англиски рог, Весна Ангелова-Христов на пијано, Орце Ицковски на фагот, Гордана Јаневска на виолина, Тереза Крцоска на виолина, Јанинка Невчева на пијано, Јулија Нелковска на виолина, Боро Станковски на виола, Елена Стојческа на флејта, Дарко Трајковски на виолина и Мерсиха Шукри на харфа, а ќе настапи и сопранот Надежда Рубен. На програмата ќе бидат дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пјацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович. Средствата собрани од продажбата на билети и од донаторската кутија ќе бидат донирани на здружението посветено на пациенти болни од рак и нивни негуватели „ХЕМА-ОНКО“, а ќе бидат наменети за потребите на пациентите на Универзитетската клиника за хематологија. Билетите чинат 300 денари.

„Идејата за концерт посветен на Климентина се појави минатиот септември при една средба со Елена и Тереза во Скопје. Се сетив дека во мај 2024 се навршуваат 30 години од упокојувањето на нашата другарка од клас и ги прашав Тереза и Елена дали би сакале да свириме заедно во нејзина чест. Сите три во ист миг ги препознавме потребата и желбата да ја оствариме оваа замисла“, ни рече пијанистката Јанинка Невчева.

И останатите музичари од класот, оние кои се активни, брзо и одлучно ја прифатиле поканата.

„За жал, некои живеат во странство и особено за оние кои живеат во Америка беше тешко да ни се приклучат на концертот. Затоа пак Елена Стојческа, која живее во Париз и Ема Абаџиева, која живее во Загреб ги усогласија своите работни распореди за да можат да дојдат во Скопје во април. Иако сите сме прилично активни како музичари или професори, ова ни е прва прилика да се собереме токму ние од класот и да свириме заедно после повеќе од две децении“, вели Невчева.

Климентина Рафајловска почина додека беше ученичка во трета година. Во нејзина чест од 1995 до 2008 се доделуваше наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација од страна на истоимената фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов и Александар Краповски.

Климентина Рафајловска, која свиреше пијано и харфа, почина од леукемија додека уште беше средношколка (Фото: приватна архива)

„Климентина ни беше сокласничка и се одликуваше со особен музички дар. Свиреше пијано и беше прва генерација во класата по харфа, која се оформи во 1991 под раководство на проф. Лејла Урманова. Брзо напредуваше во совладувањето на новиот инструмент и по само две и пол години освои втора награда на меѓународен натпревар по харфа во Белград. Таа имаше широки музички интереси, солидно познавање на пијаното и желба да освојува нови уметнички хоризонти. Ја интересираше културата општо, театарот, операта. Во една прилика дознав дека размислува да студира оперска режија. Тогаш ме запрепастуваа нејзината отвореност, како се гледаше себеси во иднина и како ги разгледуваше опциите за сестрана уметничка наобразба. Беше спремна да се проба и на други полиња на музиката и уметноста воопшто. Денес, со искуството позади мене, целосно ја разбирам нејзината потреба за синтеза на убавото, на животот во убавина. Во односите со луѓето, Климентина беше непосредна и дружељубива, а нејзината широка насмевка ѝ беше заштитен знак. Мислам дека сите се сеќаваме најмногу на таа насмевка. Зрачеше со оптимизам и креативност. Дотолку понезамислив беше ударот за сите нас кога по нецели две седмици од нејзиниот последен настап Климентина почина. Акутна леукемија, ни рекоа, немаше време никако да се спречи. Дијагнозата, лекувањето, патувањето во странство за пресадување коскена срж, ништо не беше доволно брзо. Нејзиното заминување ја обележа целата наша генерација зашто бевме сведоци на кревкоста на животот, на кревкоста на оптимизмот, на кревкоста на нејзината радосна насмевка“, додава Невчева.

Концертот симболичлно ќе се одржи ден пред 21 април, Светскиот ден за подигнување на свеста за знаците и симптомите на акутна миелоидна леукемија.

„Музичките, камерни состави овојпат се доста необични и интересни, па така нашиот репертоар ќе вклучи дела од барокната епоха, преку францускиот импресионизам и рускиот неокласицизам, па сѐ до современата“, вели пијанистката за репертоарот на концертот.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Рафајловска (во средина) почина две недели по нејзиниот последен настап, со колешките Тереза Крцоска (лево) и Полина Џатева