СЛАВНИОТ КОМПОЗИТОР ЏОН ВИЛИЈАМС СЕ ПОВЛЕКУВА ОД ХОЛИВУД НА 90 ГОДИНИ, НЕ И ОД МУЗИКАТА

Њујорк, (АП)

По повеќе од шест децении кариера во Холивуд, легендарниот композитор Џон Вилијамс ги прави последните ноти од она што треба да биде негова последна филмска музика.

„Моментално работам на ‘Индијана Џонс 5‘, за кој Харисон Форд мислам кажа дека ќе му биде последен филм. Затоа си помислив: ако може Харисон, можеби можам и јас“, вели Вилијамс.

Седумдесет и деветгодишниот Форд официјално сè уште не се изјаснил така, но Вилијамс, кој во февруари наполни 90 години, вели дека е подготвен за повлекување.

„Музиката за ‘Војна на ѕвездите‘ ја правев шест месеци и на оваа возраст, тоа е долга посветеност“, признава тој.

Место тоа, Вилијамс се свртува кон компонирањето концертна музика. Оваа пролет, тој и челистот Јо-Јо Ма снимија албум со Њујоршката филхармонија.

Вилијамс е еден од најзначајните филмски композитори на сите времиња. Почнувајќи од 1958 година, неговата музика е дел од над 100 филмови, меѓу кои се истакнуваат „Војна на ѕвездите“, „Шиндлеровата листа“, „Блиски средби од трет вид“, „Индијана Џонс“, „Супермен“, „Ајкула“, „Хари Потер“…, за кои освои пет оскари од 52 номинации.

„Би сакал да доживеам 100 години за да видам како ќе се развијат филмовите во поглед на звукот, визуелните ефекти и севкупното доживување“, вели Вилијамс.