104 ГОДИНИ СТАР БАР ВО ЊУЈОРК ПРОГЛАСЕН ЗА НАЈДОБАР НА СВЕТОТ ЗА 2019

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Данте“ во Њујорк, стар 104 години, победи силна конкуренција и се најде на првото место на листата на најдобрите светски барови за 2019. Иако служи модерна италијанска храна и широк избор на коктели, „Данте“ сѐ уште е најпознат по еспресото и коктелот „Негрони“.

Оригиналниот „Данте“ бил отворен во 1915 во тогашно доминантно италијанско маало и освои доста награди откако пред четири години беше преземен од двајца пријатели од Австралија. Барот на ланското рангирање беше на деветтото место.

„Не постои поголема чест за нас од тоа што сме прогласени за број еден бар на светот. Ние ќе продолжиме да се фокусираме на нашиот пристап кон гостопримство и на создавање специјални моменти за секој муштерија кој ќе влезе низ нашата врата“, изјавија сопствениците на посебна свеченост во Лондон.

На второто место заврши луксузниот бар „Конот“ во Лондон, а трет е „Флорерија атлантико“ во Буенос Аирес.