Двајца Британци отворија музеј на мобилни телефони, чија колекција ги информира посетителите за историјата на овие уреди. Лансиран онлајн од ветераните во оваа индустрија Бен Вуд и Мет Четерли, тој содржи повеќе од 2.000 модели, кои датираат до 1984 година.

Музејот на мобилни телефони содржи и фотографии во висока резолуција, како и придружни приказни за повеќето уреди во колекцијата.

Музејот произлегол од приватната колекција на Вуд, што почнал да ја прави пред повеќе од 25 години и таа во меѓувреме пораснала на над 2.100 примероци. Мобилниот оператор „Водафон“ ќе биде спонзор на музејот во наредните пет години.

„Ова почна како проект од страст пред 25 години. Ниедна иновација во поновата историја не го променила повеќе нашиот начин на живот од мобилен телефон. Од мобилни плаќања и граѓанско новинарство до можноста постојано да се биде на интернет и да се работи оа каде било, важноста на мобилните телефони не може да се прецени“, изјави Вуд.

Музејот може да се посети преку mobilephonemuseum.com. На сајтот има и неколку издвоени колекции, како најгрдите телефони.