БОЛНИЦА ВО БАНГЛАДЕШ ИЗБРАНА ЗА НАЈДОБРА НОВА ЗГРАДА НА СВЕТОТ ЗА 2021

Лондон, (Дезин)

Болница во Бангладеш, лоцирана во област ранлива на покачувањето на нивото на морето, е прогласена за најдобра нова зграда на светот. Дело на локалното студио „Кашеф Чоудури/УРБАНА“, болницата „Пријателство“ во југозападниот град Саткира ја освои престижната архитектонска награда РИБА за 2021, што ја доделува Кралскиот институт на британските архитекти.

Болницата, која обезбедува евтини услуги, е изградена од локално направени тули. По средината на објектот со 80 кревети поминува воден пат, кој ги одвојува болничкото и амбулантното крило. Еколошките елементи на дизајнот вклучуваат резервоари за собирање дождовница и ѕидни отвори кои обезбедуваат природна вентилација.

„Болницата беше избрана како победник зашто отелотворува архитектура на хуманост и заштита. Архитектите создале зграда која е вешто интегрирана во околината и слави локално и традиционално изработени материјали“, изјави шефот на жирито, францускиот архитект Одил Дек.