Познатото данско архитектонско студио „Бјарке Ингелс груп“ (БИГ) го претстави дизајнот на Националната опера и балет на Косово, што ќе се гради во Приштина. Објектот ќе има четири сали и нов јавен плоштад, што ќе создаде жив простор за собирање во срцето на градот. Најголемата сала ќе има капацитет од 1.200 седишта.
![](https://smart.sdk.mk/wp-content/uploads/2025/02/Screenshot-2025-02-06-112006-728x405.png)
Тоа ќе биде првата оперска куќа во Косово и ќе се наоѓа до Палатата на младите и спортот и стадионот „Фадил Вокри“.
„Дизајнот на театарот е дефиниран со едноставно и прагматично распоредување на функционални елементи, а салите се обвиткани со скулптурална, мека надворешност од фотоволтаични плочки и дрвени греди. Неговата лелеава форма црпи инспирација од слободните облици на костимот на изведувачот и од џублета, народното здолниште во облик на ѕвонче што традиционално го носат жените во Косово“, велат од „БИГ“.
![](https://smart.sdk.mk/wp-content/uploads/2025/02/Screenshot-2025-02-06-112017-728x404.png)
Косовскиот премиер Албин Курти кажа дека проектот е вреден 2,45 милиони евра, а изградбата треба да почне во 2026 и да заврши за 15 месеци.
(Фото: БИГ)