Првиот подводен ресторан во Европа ќе се отвори наредната година во Лидеснес, на југот на Норвешка.
Според проектот, во бетонската структура ќе доминира десет метри долг панорамски прозорец, а менито ќе се фокусира на морската храна.
Ресторанот наречен „Под“ е дизајниран од норвешкото архитектонско студио „Снехета“, кое се прослави со објектите на Норвешката национална опера и балет и на Александриската библиотека во Египет. Ова ќе биде прв подводен проект на студиото.
Тој ќе биде поставен на основа пет метри под површината, а дебелите ѕидови ќе бидат дизајнирани така да можат да издржат најразлични морски услови.
„Една од спецификите на оваа градба е како ги поврзува природата и копното. Од копното на еден драматичен начин се стигнува преку бетонски тунел до природата на морското дно, за да се искуси она што, инаку, не може да се искуси. Гостите би требало да се чувствуваат безбедно долу“, вели главниот архитект Руне Грасдал.
Ресторанот ќе има три нивоа и капацитет за 100 посетители.