ФЕСТИВАЛОТ БРНИНГ МЕН ГО ОБЈАВИ ДИЗАЈНОТ НА ЦЕНТРАЛНИОТ ХРАМ ЗА 2023

Лондон, (Дезин)

Тимот кој го дизајнира централниот храм за годинашното издание на фестивалот Брнинг мен го објави изгледот на проектот, додека изградбата е во тек во пустината во Невада. Наречен Храм на срцето, тој ќе биде изграден целосно од дрво, а дизајнери се Ела Мадеџ и Рид Финли.

Структурата ќе биде висока 12 метри, а на врвот ќе има копје што ќе достигне височина од 25 метри.


„Структурата наликува на наопаку свртен пустински цвет, со стебло насочено кон небото“, велат дизајнерите.

Минатата година, повеќе од 80.000 луѓе дојдоа во привремениот град Блек Рок Сити, кој се создава за потребите на фестивалот. Тој се одржува од 1991 година и го должи својот углед на утописки спектакл најмногу на уметниците кои во пустината изложуваат неверојатни инсталации.

Централниот храм се пали на последниот ден од фестивалот, кој оваа година трае од 27 август до 4 септември.