СТАДИОНОТ „САН СИРО“ ВО МИЛАНО НЕМА ДА СЕ УРИВА ПОРАДИ НЕГОВОТО КУЛТУРНО ЗНАЧЕЊЕ

Милано, (Дезин)

Култниот стадион „Сан Сиро“ во Милано, кој требаше да биде заменет со нов стадион, сепак нема да биде урнат поради неговото културно значење. Регионалната комисија за културно наследство на Ломбардија го спаси од уривање стадионот што го делат фудбалските гиганти Милан и Интер.

Оригинално дизајниран од Улисе Стакини во 1920-ите, стадионот неколкупати беше проширен и реновиран, особено за Светското првенство во 1990 во Италија. На негово место требаше да се гради нов стадион наречен „Катедрала“, но место тоа, Милан и Интер бараат локации за нивни идни одделни стадиони.

Италијанскиот потсекретар за култура Виторио Згарби во јануари годинава вети дека „Сан Сиро“ нема да се урива.