Во време на пандемија, кога излегувањето во бар или кафуле е ризично, а некаде и сѐ уште забрането, сè повеќе самци бараат љубов на интернет. Но, дали е можно да се разгори искрата по виртуелно запознавање?

Дискретно прегрнување во кино, случајно допирање на рацете на масата во кафуле…, овие стари трикови не функционираат на интернет.

Првиот состанок во некое ново трендовско место или одењето во кино сега се или ризични или оневозможени во многу делови на светот што се борат со високи бројки на заразени со ковид-19. Слободните луѓе во моментов немаат голем избор освен да испробаат средби преку интернет.

„Многумина слободни луѓе во моментов се попретпазливи околу тоа дали виртуелното запознавање треба да стане средба лице в лице. Луѓето се допишуваат на интернет, со тек на време разговорите стануваат доста интензивни и ова природно го покренува прашањето за средба во реалниот живот“, вели Михаел Фогт, професор на Факултетот за социјална работа во Кобург (Германија).

Советникот за брачни двојки и самци Ерик Хегман смета дека пандемијата може и да го олесни пронаоѓањето партнер.

„Во криза, луѓето побрзо се отвораат емоционално, а со тоа стануваат и поранливи. Голем број самци велат дека разговорите им станале подлабоки, зашто помалку разговараат за тривијални теми“, вели Хегман.

Психологот Волфганг Кригер смета дека онлајн запознавањето ги зголемува очекувањата кај луѓето.

„Првиот пат кога пишувате или зборувате на телефон може брзо да развиете интензивни чувства. Но, за вистинска љубов е потребно вистински да ја познавате личноста, а тоа значи дека треба да се запознаете поинтимно”, вели Кригер.

Според психологот Маркус Ернст, првиот состанок и не мора да биде во бар или кафуле, туку може да биде и прошетка во парк.

„За некои луѓе, тоа е полесниот начин да разговараат со странец отколку да седат на маса во ресторан“, вели Ернст.