ФИНСКА ЗА 101. РОДЕНДЕН СИ ПОДАРИ БИБЛИОТЕКА ОД 98 МИЛИОНИ ЕВРА СО РОБОТИ-БИБЛИОТЕКАРИ

Хелсинки, (АФП)

Што да ѝ се подари на наjписмената земја на светот за нејзиниот 101. роденден? За финските политичари и за јавноста одговорот беше едноставен: огромна, најсовремена библиотека, нова „дневна соба на нацијата“, вредна 98 милиони долари.

Централната библиотека на Финска ќе се отвори денеска, како финален настан од одбележувањето на 100-годишнината од независноста на Финска, стекната во 1917 година.

Библиотеката дневно очекува околу 10.000 посетители

Зградата е огромна структура од дрво и стакло, а се наоѓа на видно место во центарот на градот, наспроти парламентот. Библиотеката „Ооди“ е дизајн на финската фирма „АЛА архитектс“ и е планирано да биде место за знаење, учење и за еднаквост во земјата, која во 2016 година беше рангирана како најписмена на светот. Според официјалната статистика, во земјата со 5,5 милиони народ, годишно се позајмуваат 68 милиони книги.

Поставени се 100.000 книги, а во објектот има и студија за музичка и видеопродукција, кино и работилници со 3-Д принтери и ласерски режачи, сите бесплатни за јавноста.

3-Д анимација на библиотеката

„’Ооди’ му дава ново, модерно значење на поимот библиотека. Таа e куќа на литературата, но исто така и куќа на технологијата, музиката, филмот, на Европската Унија“, вели Томи Лаитио, извршен директор за култура и забава на градот Хелсинки.

Во неа ќе има роботи-библиотекари, кои преку мали вагони ќе ја земаат вратената книга и ќе ја донесат до соодветната полица, каде, пак, вработено лице ќе ја постави на точното место.

Библиотеката дневно очекува околу 10.000 посетители.