ТРИ НАГРАДИ ВО ЦРНА ГОРА ЗА ПРИЛЕПСКАТА ПРЕТСТАВА ПО ТЕКСТ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ освои три награди на 15. Фестивал на актери во Никшиќ, Црна Гора, со претставата „Љубовни пози на историјата“ (Figurae veneris historiae) од Горан Стефановски, во режија на Наташа Поплавска.

Ангела Наумоска ја доби наградата за најдобра епизодна женска улога за ликот на Госпоѓица, Зоран Ивановски за најдобра епизодна машка улога за креацијата на Мајсторот, а ансамблот ја доби наградата за најдобра колективна игра.

„Наградите се освоени во конкуренција на претстави, во кои, како што оцени жирито (Благота Ераковиќ-претседател, Ана Вујошевиќ и Никола Васиљевиќ-членови), се истакнале различни актерски стилови и решенија, кои на публиката ѝ оставиле извонреден впечаток“, соопшти Театарот.

За време на Фестивалот, се одржал и омаж за македонскиот драматург Горан Стефановски, кој почина на 27 ноември во Велика Британија на 66 години. Говорниците потсетиле дека Стефановски е еден од најголемите драмски автори во регионот, чии текстови се играат не само во театрите во регионот, туку и пошироко.