МАЛЕЗИЈА ЌЕ ГРАДИ ТРИ ОДРЖЛИВИ ОСТРОВИ НАМЕНЕТИ ЗА ЖИВЕЕЊЕ, МЕСТО АВТОМОБИЛИ ЌЕ ИМА МНОГУ ЗЕЛЕНИЛО

Куала Лумпур, (Лонли планет)

Малезија ќе гради три вештачки острови покрај брегот на Пенанг, кои ќе се базираат на одржливост и биодиверзитет и ќе содржат мрежа на автономен јавен превоз, многу зелени површини и радикални дизајни.

Секој остров ќе биде обликуван во вид на водни лилјани и ќе може да прими 18.000 жители. Тие ќе имаат 4,6 километри плажи, урбани мочуришта, јавни паркови, шуми, културни области, технолошки центри, како и 25 километри долго крајбрежје.

BiodiverCity ќе биде околина без автомобили, а областите ќе бидат поврзани со копнен, воден и воздушен автономен јавен превоз, како и со велосипедски патеки. Островите ќе добиваат струја од обновливи извори, додека зградите ќе бидат направени од бамбус, малезиско дрво и рециклирани материјали.

Проектот го развива студиото БИГ на прославениот дански архитект Бјарке Ингелс, во соработка со владата на Пенанг.

„Пенанг се карактеризира со богати културна разновидност и биодиверзитет, па ние ги замисливме островите на Јужен Пенанг како архипелаг каде што овие две работи можат да коегзистираат во екосистем создаден од човекот, при што меѓусебно ќе се прошируваат и зајакнуваат“, изјави Ингелс.

Засега не е познато кога островите ќе биде завршени, но тие се дел од поширокиот проект „Пенанг2030“.