НОВ СИМБОЛ НА ДУБАИ Е ОГРОМНА РАМКА ЗА СЛИКА

Дубаи, (Гардијан)

Дубаи е дом на највисокиот облакодер, најголемиот трговски центар и на најдолгиот систем на подземна железница без возачи на светот, а од нова година може да се пофали и со свој одговор на Ајфеловата кула.

Десетина години откако беше дизајнирана, на 1 јануари конечно беше отворена Рамката на Дубаи, што се издигнува 150 метри над паркот Забел и на посетителите ќе им понуди многу повеќе од незаборавен поглед на градот.

Новото архитектонско чудо на Дубаи е прозорец кон богатото минато на градот, но и кон неговата амбициозна иднина.

Рамката е прозорец и кон минатото и кон иднината на Дубаи

На врвот на зданието е сместена 93 метри долга галерија, низ којашто гостите шетаат по стаклен под, а потоа минуваат низ спектакуларен тунел за да видат интерактивна изложба за иднината на Дубаи.

Проектот го следеа контроверзи од почеток и ова не само што е најголемата рамка за слика на светот, туку е и најголема украдена зграда на сите времиња.

„Место уште една масивна структура, јас предложив празнина, нешто што ќе ги врами сите останати градски обележја. Но, тие потоа ми го зедоа проектот, го сменија дизајнот и го изградија без мене“, вели мексиканскиот архитект Фернандо Донис, чиј проект победи на меѓународниот конкурс во 2008 година.

Место Донис, објектот го изработи едно холандско студио.