ГЛАМУРОЗНАТА ВИЛА НА ВЕРСАЧЕ СЕГА Е ЛУКСУЗЕН ХОТЕЛ ВО МАЈАМИ

Мајами, (АП)

Гледачите заинтригирани од случајот со убиството на Џани Версаче прикажан во новата сезона од „Американска криминална приказна“ можат да одат по чекорите на модниот дизајнер во неговата поранешна вила во Мајами. Туристите запираат на камените скалила секој ден да позираат за фотографии на местото каде што Версаче беше фатално застрелан од серискиот убиец Ендрју Каненан во 1997 година. Сепак, вилата во медитерански стил има повеќе да понуди од смртта на Версаче.

Сега хотел „Вила Каза Казуарина“, поранешниот дом на Версаче сè уште зрачи со гламурозните дизајни и раскошот. Посетителите можат да пливаат во хотелот со плочки од 24-каратно злато, да спијат во кревети толку големи што беа изработувани специјални постелнини за нив, да гледаат во океанот од опсерваторијата на покривот и да јадат во ресторанот отворен во поранешната трпезарија.

Локален уметник ги одржува мозаиците и фреските што ги направи Версаче за неговиот дом, вклучувајќи дизајни со неговиот заштитен знак – глава од Медуза.

Версаче потроши 33 милиони долари на реновирање на трикатната зграда во 1992 година. Оригинално, тоа беше комплекс со апартмани изграден во 1930 година. По смртта на Версаче, семејството го продаде имотот. „Вила Каза Казуарина“ сега е дел од групацијата „Виктор Хотелс“, која што ја купи вилата на аукција во 2013 година за 41,5 милиони долари.

„Атентатот на Џани Версаче: Американска криминална приказна“ ќе почне да се емитува во САД на 17 јануари.