НОВИОТ ЗЛАТЕН МОСТ ВО ВИЕТНАМ ГО ДРЖАТ БОЖЈИ РАЦЕ

Да Нанг, (Ројтерс)

Во планините на централен Виетнам, две огромни раце држат патека поставена на златна основа високо над врвовите, додека многубројните туристи уживаат во глетката и прават селфи.

„Имам чувство како да одам по облаци. Ова е така уникатно“, вели еден домашен турист.

Чау ванг, односно Златен мост, во планините Ба На привлече огромен број туристи откако беше отворен во јуни, желни да го видат ова необично архитектонско дело.

(Фото: Ројтерс)

Пешачкиот мост е дизајниран од едно архитектонско студио од Хо Ши Мин Сити и е поставен на надморска височина од 1.000 метри, нудејќи им на туристите неверојатен поглед кон околните пејсажи.

„Мостот е дизајниран така да буди слика на огромни божји раце кои извлекуваат златна нишка од земјата. Тоа е како патека по небото, меѓу магливи и нереални предели на планините Ба На“, вели Ву Виет Ан, главниот дизајнер на студиото „ТА лендскејп архитекчр“.

Според официјалните податоци, планините Ба На минатата година биле посетени од 2,7 милиони туристи и властите се надеваат дека мостот ќе придонесе за зголемување на оваа бројка.