ХОЛИВУДСКАТА ИКОНА БЕТИ ВАЈТ ОДБЕЛЕЖУВА 80 ГОДИНИ КАРИЕРА И НЕМА НАМЕРА ДА ЗАПРЕ

Лос Анџелес, (АП)

Иако наполни 96 години, Бети Вајт вели дека не гледа причина да запре, сѐ додека телефонот ѝ ѕвони со понуди за работа.

Една од најомилените американски телевизиски актерки е тема на новиот документарен филм „Бети Вајт: првата дама на телевизијата“, со кој се одбележуваат 80 години од нејзината кариера во шоу бизнисот.

„Вајт сѐ уште сака да работи. Таа ми кажа: ‘Ќе бидам во седлото засекогаш‘. Таа сака работа и предизвици и колку подолго живее, толку подобро ќе ни биде на сите нас“, вели режисерот на филмот Стивен Бечер.

Иако филмот ќе биде прикажан на 21 август, Вајт и нејзини најблиски пријатели имале можност да го видат уште во јануари, кога го славеше роденденот.

„На забавата всушност имаше 400 нејзини пријатели“, вели Бечер, на кого му требале десет години за да го комплетира филмот.

„Иако почнала да глуми во рани 20-ти години, таа ги памети имињата на сите со кои соработувала, дури и имињата на нивните миленици. Сите што работеле со неа велат дека уживале во тоа“, откри Бечер.

Бети Вајт освои шест награди Еми и е последната преживеана членка на „Златните девојки“, хит-серијата од 80-ите години.