ЊУЈОРК ЌЕ ЗАБРАНИ ГРАДЕЊЕ ОБЛАКОДЕРИ ОД СТАКЛО И ЧЕЛИК

Њујорк, (Дезин)

Градоначалникот на Њујорк Бил де Бласио планира да забрани градење облакодери од стакло и челик, во својата борба против климатски промени.

„Ќе донесеме закони за забрана на изградба на стаклени и челични облакодери, кои толку многу придонесоа за глобалното затоплување. Тие повеќе немаат место во нашиот град или нашата земја“, рече градоначалникот, претставувајќи го планот „Њујорк – нов зелен договор“, вреден 14 милијарди долари.

„Причинител број еден на загадувањето во овој град се зградите, не автомобилите“, додаде тој.

Покрај ова, Де Бласио го најави планот за примена на стандардите за енергетска ефикасност на постојните кули во градот. Тој верува дека нивното надградување би можело да го намали загадувањето за 40 отсто до 2030, односно за 80 отсто до 2050 година.

„Ако некоја фирма сака да изгради облакодер, таа ќе може да користи многу стакло само доколку ги направи сите други работи потребни да се намали загадувањето. Но, поставувањето споменици само за себе, што ја загрозува нашата иднина, веќе нема да биде дозволено во Њујорк“, кажа Де Бласио.