ОБЛАСТА ОКОЛУ АЈФЕЛОВАТА КУЛА ЌЕ СЕ РЕДИЗАЈНИРА СО ПОВЕЌЕ ЗЕЛЕНИЛО ЗА ОЛИМПИЈАДАТА ВО 2024

Париз, (Дезин)

Британското архитектонско студио „Густафсон Портер + Бауман“ го редизајнираше просторот околу Ајфеловата кула, кој ќе добие нов изглед во пресрет на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година.

Наречен „Една линија“, основната визија на студиото е да додаде повеќе зеленило од сите страни на главното обележје на Париз. Целта е да се создаде зелен коридор од палатата Шејо на плоштадот Трокадеро, кој ќе добие нов амфитеатар и поголем јавен простор, до Воената академија на плоштадот Жофре. Исто така, мостот Јена на Сена ќе биде претворен во зелен мост.

Нови видови дрвја ќе бидат засадени во новите паркови околу Ајфеловата кула, за да се подобри биодиверзитетот на областа. Посветени на борбата против климатски промени, организаторите сакаат Париз 2024 да бидат најодржливите Олимписки игри досега.

Првата фаза од „Една линија“ треба да биде комплетирана во 2023 година.