Макети за одмор и релаксација на Водно, како и проекти кои го развиваат концептот за простор и атмосфера, се дел од студентските проекти кои денеска, пред голем број студенти и професори, беа презентирани во големата сала и ходниците на Архитеконскиот факултет при скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“.
Факултетот ја организираше изложбата на архитектонските студија од зимскиот семестар и ги отвори вратите за пошироката јавност, по 11. пат трансформирајќи ги своите училници во изложбен простор.
Деканот на Факултетот, архитектот Огнен Марина, рече дека тоа се 11 семестри по ред, 5,5 години, шест генерации во континуитет кои ги покажуваат своите проекти и идеи. Тоа се, исто така, повеќе од 100 архитектонски и урбанистички студија, каде што досега биле изведени повеќе од 1.000 проекти.
„Илјада проекти, секој со себе носи идеја, тоа се исто така и илјада и повеќе студенти, кои денеска повторно, по 11. пат, стојат едни до други, исправени пред други, за јавно да ги покажат своите идеи. Тоа се исто така и стотоци непроспиени ноќи, но и стотици пријателства и соработки. Тука се колегите од прва година, исправени пред предизвиците, како и колегите од петта година, кои се пред самиот крај“.
„Денеска, вие сте автори кои се одважиле да ги покажат своите идеи, знаења и вештини. Тоа не е едноставно и тоа не го може секој. Токму затоа, по 11. пат, застанати секој покрај својот проект, подготвени сме за најжестока критика, вообичаено пред своите колеги, како и за најсјаните пофалби од истите колеги кои ве критикуваат. Оваа изложба не е само слика на тоа што сте го постигнале денес, туку и покажува што ќе бидете во иднина“, рече деканот Марина.
Професорот и архитект Александар Радевски го претстави проектот од студиото 1 на студентите од прва година, каде концептот е поделен на повеќе делови.
„Почнува од идеи и сеќавање за одреден простор, па продолжува во едно време и површина, која прерасна во волумен, кој беше работен како модел од бетонски материјал, па преку изработка на моделите во еден поголем размер, па завршувајќи со дефинирање на просторот, каде требаше да се направи атмосфера, да се долови намената на самиот простор“, рече Радевски.
Темата на студиото 3, како што објасни доцент д-р Јован Ивановски, е архиетектура во природа, каде го истражувале одноост на човекот и природниот простор.
„Локацијата ни беше парк шумата на Водно, со една идеја во неа да населиме идни посетители и да формираме јавен простор на Скопје. Идејата беше студентите да проектираат место за краток престој во природа, каде што мала група на луѓе ќе може да се одмори“, вели Ивановски.
По таа изложба, во просторот познат како „Сквер“ на факултетот, деканот Марина и генералниот извршен директор на „Усје“, Борис Хрисафов, ја отворија изложбата на најдобрите трудови на студентите, што учествуваа на конкурсот за идејно решение за обнова на фасадите на „Цементарница УСЈЕ“, со хортикултурни елементи и ги прогласија победниците на конкурсот на темата „Индустрија во град“.
Б. НЕСТОРОСКА