Најдолгиот пешачки висечки мост на светот е довршен во северна Португалија и локалните жители се надеваат дека оваа нова туристичка атракција ќе ја помогне економијата во регионот по пандемијата на коронавирусот.
Сместен меѓу две планини среде геопаркот под заштита на УНЕСКО Ароука, 516 метри долгиот мост виси 175 метри над брзата река Паива. Мостот, кој се градеше две години, и официјално ќе се отвори в недела, а можност први да поминат преку него добија жителите на градот Ароука.
„Бев малку уплашен, но вредеше. Ова е извонредно, уникатно и адреналинско искуство“, изјави Хуго Савиер.
Руи Брандао не препорачува да се гледа надолу, но признава дека е добро искуство.
„Отворањето на мостот е важно, зашто ќе можеме да ги обновиме нашите туристички активности. Ова е огромна атракција за нашиот регион“, вели градоначалничката на Ароука, Маргарида Белем.
Структурата наречена „Ароука 516“ го презема рекордот за најдолг пешачки висечки мост на светот од мостот „Шарл Кунен“ во швајцарските Алпи, отворен во 2017.