Елиот Пејџ вели дека било од исклучително значење јавно да објави дека е трансродово лице, во време кога јавноста „има ужасни реакции“ по тоа прашање. Триесет и четиригодишниот канадски актер во декември објави дека е трансродова личност и дека место Елен Пејџ, почнал да се идентификува како Елиот Пејџ.

Холивудската ѕвезда во ТВ-интервју со Опра Винфри говори за своето тело и рече дека за првпат се чувствува удобно во него.

„Уште пред да го објавам отвореното писмо до јавноста, јас им го кажував тоа на луѓето околу мене. Го сакав овој момент, да бидам удобен во своето тело. Важно ми беше сега да го кажам тоа, особено со овие ужасни реакции кои ги гледаме кон трансродовите лица, особено млади“, вели 34-годишниот актер во трејлерот за интервјуто, кое ќе се емитува на „Епл ТВ плус“.

Пејџ се здоби со меѓународно признание со улогата на бремена тинејџерка во филмот „Џуно“ од 2007 година, за која доби номинација за оскар за најдобра актерка, а сега игра во хит серијата на „Нетфликс“, „Академијата Амбрела“.