САУДИСКА АРАБИЈА ГРАДИ СКИЈАЧКИ ЦЕНТАР СРЕДЕ ПУСТИНА СО 36 КИЛОМЕТРИ СТАЗИ

Ријад, (Јуроњуз)

Саудиска Арабија гради футуристички скијачки центар среде пустина, кој ќе биде достапен за скијачите три месеци во годината, а во останатиот дел туристите ќе можат да се занимаваат со водени спортови и планински велосипедизам. Скијачкиот ресорт Тројена ќе се наоѓа во планините на Неом, „градот на иднината“ што Саудиска Арабија го гради за повеќе од 460 милијарди долари.

Тројена ќе се состои од реална и виртуелна архитектура, вештачки езера и неверојатни глетки. Иако идејата за скијање во Саудиска Арабија се чини луда и смешна, Кларк Вилијамс, кој управува со маркетингот и комуникациите во Неом, вели дека таа е полесно остварлива одошто изгледа.

Во Тројена ќе може да се скија три месеци во годината

„‘Зарем има снег во Саудиска Арабија?‘, веројатно се чудат луѓето. Вистината е дека само ви требаат -3 Целзиусови степени за да создадете снег во Неом, а ние го можеме тоа во три месеци во годината“, изјави Вилијамс.

Во планините близу Неом температурите вообичаено паѓаат под нула степени во зима.

При правењето снег ќе користиме што е можно повеќе одржливи ресурси, без разлика дали е тоа сончева или ветерна енергија. Ќе користиме и вода од нашата фабрика за десалинизација, што е најсовремено решение и се обидуваме да собереме што е можно повеќе вода од топењето на снегот“, појасни Вилијамс.

Тројена ќе се состои од реална и виртуелна архитектура, вештачки езера и неверојатни глетки

Според него, во Тројена ќе има 36 километри скијачки стази и сѐ она што може да се најде во нормално планинско село, како хотели, ресторани и спа. Отворањето на центарот е планирано на крајот на 2026 или во почетокот на 2027.

Тројена е еден од четирите главни делови на Неом, мегапроект кој вклучува и луксузен остров во Црвеното Море, 170 километри долг град со девет милиони жители и пловечка индустриска метропола.