Владата на Саудиска Арабија го објави дизајнот на 170 километри долгиот облакодер, што ќе се протега од Црвеното Море до северозападниот дел на земјата и треба да биде дом на девет милиони луѓе. Оваа мегаструктура, што е замислена како цел град, ќе има огледална фасада и ќе биде висока 500 метри, но широка само 200 метри.
Економистите, архитектите и аналитичарите го опишуваат проектот „Линија“ како урбана утопија, фрлајќи сомнеж дека ќе се реализира, додека за престолонаследникот на Саудиска Арабија тоа е „цивилизациска револуција која ги става луѓето на прво место, драматична алтернатива за традиционалните, хоризонтални градови“.
Структурата ќе се состои од два ѕида, меѓу кои ќе има отворен простор. Ќе има станбени, трговски и рекреативни области, како и паркови и училишта. Двата блока ќе бидат поврзани со повеќе мостови и покриени со зелени површини.
„‘Линија‘ ќе има огледална фасада, што ќе му даде уникатен карактер на градот и ќе овозможи целосно претопување со околината, додека внатрешноста ќе нуди извонредни искуства и магични моменти“, велат од владата на Саудиска Арабија.
„Линија“ ќе биде дел од проектот „Неом“, целосно автоматизиран регион од 500 милијарди долари во Саудиска Арабија, Јордан и Египет, кој целосно ќе биде напојуван од обновливи извори на енергија.